ВОСПОСТАВУВАЊЕ ДИЈАЛОГ ПОМЕЃУ ЖЕНИТЕ И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ВО ОПШТИНА КРИВОГАШТАНИ

Жените и локалната власт во Кривогаштани во дијалог за економско јакнење и развој на женското претприемништво

На 29 октомври 2026 година, во Општина Кривогаштани, се одржа средба посветена на унапредување на дијалогот помеѓу жените и локалната власт, со фокус на економското јакнење на жените, развојот на женското претприемништво и создавањето родово одговорни локални политики и буџети.

На средбата присуствуваа градоначалникот на Општина Кривогаштани, г. Игор Каравилоски, координаторот за еднакви можности на жените и мажите, претставници од општината и жени од локалната заедница. Разговорот го водеше фасилитаторката Татјана Атанасоска, која преку отворена и интерактивна дискусија ги поттикна присутните активно да се вклучат, да ги споделат своите искуства, потреби и предлози.

Во текот на дискусијата беа отворени прашања поврзани со можностите за вработување и самовработување, предизвиците со кои се соочуваат жените при започнување сопствен бизнис, пристапот до финансиска поддршка, грантови и ИПАРД-програмите. Посебно внимание беше посветено на потребата од подобра информираност на жените за постојните можности, како и на важноста од нивно охрабрување и поддршка за поголемо економско учество во локалната заедница.

Учесничките имаа можност да ги истакнат и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, особено жените од руралните средини, за кои пристапот до информации, можностите за вработување и институционалната поддршка често претставуваат дополнителен предизвик. Беше нагласена потребата од создавање услови во кои жените ќе можат да ги развиваат своите знаења, вештини и претприемачки идеи, но и активно да учествуваат во економскиот и општествениот живот.

Во рамки на разговорот беше истакната и важноста од поактивна улога на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, како и потребата од поголема поддршка за нејзината работа и вклучување на родовата перспектива при планирањето на општинските програми и буџети. Ваквиот пристап е особено важен за потребите на жените да бидат препознаени и соодветно адресирани преку конкретни локални мерки и активности.

Преку размената на мислења и предлози, средбата отвори простор за подобро разбирање на потребите на жените и зајакнување на соработката помеѓу локалната заедница и институциите. Истовремено, уште еднаш се потврди дека економското јакнење на жените не е само прашање на индивидуален напредок, туку и важен предуслов за порамноправно, поинклузивно и поодржливо локално општество.

Затоа што економски силни жени значат посилна локална заедница!

На крајот, упатуваме благодарност до градоначалникот, претставниците на Општина Кривогаштани и сите жени кои зедоа учество на средбата, за нивното присуство, отвореноста, активното учество и споделените мислења и предлози. Нивниот придонес е важен чекор кон зајакнување на дијалогот, соработката и заедничкото делување за подобри можности и поддршка на жените во локалната заедница.

Организиравме во рамките на партнерскиот проект „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, што се спроведува од „Женска граѓанска иницијатива АНТИКО“ – Скопје, во соработка со проектните партнери „СЕКОГАШ СОЖИВОТ“ – с. Канатларци – Прилеп и „ЗОК АДРИОН“ – Желино, а со поддршка од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.

Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС,НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде се на Здружението “Секогаш Соживот не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Слични Објави